Wednesday, February 17, 2016

Македонски брендови во ЕУ











Минчо Јорданов, Макстил АД - Скопје 

                                                                            
Глигор Цветанов, Макпрогрес, Виница

Александар Гечев, ИГМ - Кавадарци



 
Македонски брендови во ЕУ

Како мала економија, со ограничена домашна апсорпциона моќ, македонските економски субјекти при дизајнирањето на своите развојни стратегии мора да сметаат на дополнителна странска побарувачка. Во одредени индустрии таа станува многу побитна дури и во однос на домашната потрошувачка. На крајот од 2014 година, македонските компании извезуваа стоки и услуги во износ од 4.057 милиони Евра. Од тоа на доработките (стоките увезени за да се доработат) отпаѓаа 979 милиони Евра или 24 посто од вкупниот извоз на стоки и услуги. Покрај доработките во структурата на извозот доминираа: хемиските производи – катализатори со 20.2 посто од вкупниот извоз, металите со 19.4 посто и текстилот со 18 посто од вкупниот извоз. На овие производи отпага 2/3 од македонскиот извоз (табела 1). На земјоделските производи и преработките од нив, каде се смета Македонија да има компаративни предности отпаѓаше 13.6 посто од вкупниот извоз (прехрамбени производи 9.9 посто, и овошје и зеленчук 3.7 посто).
Во изборот на стратегијата на извоз како што може да се согледа од податоците доминираат три стратегии: користење на предностите на ефтина работна сила и останатите олеснување за доработка на увезени производи за извоз – 24 посто од извозот на стоки и услуги, извоз на производи кои се дизајнирани и произведени во земјата – околу 50 посто од извозот на стоки и услуги, и производство и извоз на стоки и услуги преку припадноста на домашните компании во глобални групациски системи и директни инвестиции во странство. Некои од овие стратегии презентираме преку искуствата на три компании: Макстил - Скопје, Макпрогрес – Виница и ИГМ – Кавадарци.

Емпириска анализа на улогата и важноста на индустријата на основни метали како една од носечките индустриски гранка на македонската економија

Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија за прв пат излезе со објективни и научно засновани проценки и квантификации за директниот импакт врз БДП, националниот извоз, вработеноста и можностите за отворање нови работни места, платите на вработените, даноците и придонесите како приходна ставка на државниот буџет и практиките на корпоративно општествено одговорно работење и однесување, кои покажаа дека релативното директно учество на индустријата за основни метали во БДП на земјата изнесува 5,7% и 1,4% во 2007 и 2014 година, додека релативното учество во вредноста на индустриското производство е значително поголемо и изнесува 33,5% и 7,6%, во 2007 и 2014 година. Релативното учество на извозот на индустријата за основни метали во вредноста на вкупниот извоз на земјата изнесува 31,5% и 13% во 2007 и 2014 година. Компаниите во индустријата на основни метали вработуваат околу 6500 вработени, што во релативен износ би значело 3,5% од вкупниот број на вработени во целата индустрија. Контрибуцијата на овие компании преку износите на даноците и придонесите и нивното учество во финансирањето на дејности од посебен општествен интерес и значење, како индикатори преку кои се мери директниот импакт, покажуваат дека само во форма на персонален данок на доход и корпоративен данок на добивка имаат исплатено кон државата вкупно 2.060 милиони денари и 730 милиони денари во 2007 и 2014 година, респективно. Дополнително во форма на придонеси за социјално и пензиско осигурување, придонеси за бенефициран стаж и други плаќања кон државните институции и фондови имаат исплатено 373 милиони денари и 609 милиони денари во 2007 и 2014 година. Ако на сето ова се додаде фактот што една од главните компаниски вредности на поголемиот дел од нив е спроведувањето на практики на општествено одговорно работење и однесување и активно учество и поддршка во реализацијата на огромен број проекти од посебен општествен интерес и значење, може да се заклучи дека без каква и да е двојба дека импактот на оваа индустрија за националната економија е значителен и не може во ниту еден случај да биде негиран или оспорен.
Впрочем споменатата студија со наслов „Економска импакт анализа и студија за проучување на развојниот потенцијал на индустријата за основни метали во РМ“ базирана на примена на научен методолошки пристап карактеристичен за ваков тип на анализи, само ја верифицира оваа констатација.
Во квантификацијата на економскиот импакт на индустријата за основни метали врз националната економија земени се во предвид и мултипликативните ефекти кои се генерирани преку синџирот на снабдувачи и ефектите на потрошувачка. Индустријата за основни метали иницира дополнителни 20.000 вработени во различни сектори и поттикнува дополнителен круг на производство (преку синџирот на снабдувачи и стимулирање на финалната потрошувачка во економијата) што се рефлектира во зголемување на нејзиниот придонес во БДП за дополнителни 18,3% и 4,4% во 2007 и 2014 година, респективно. Најголем мултипликативен ефект на додадената вредност преку репродукциските поврзаности е ланецот на снабдување на индустријата со основните металуршки суровини, енергетските ресурси, електромашинските делови и услуги, најразлични потрошни материјали, трговијата на големо и мало и услужниот сектор сфатен во најширока смисла (финансии, осигурување, консултантски услуги, транспортни и шпедитерски услуги).
Ова претставува јасен аргумент дека индустријата за основни метали преку своето директно учество, но уште повеќе преку својот идиректен придонес во креирање на БДП е главниот столб и носечки сектор на македонската економија во изминатиот период, што како многу логично го наметнува креирањето на соодветни индустриски политики кои треба да доведат до најдобри оперативни резултати. Тоа е уште една силна причина државата по примерот на многу други индустриски развиени земји, па и земји членки на ЕУ, за оваа носечка индустриска структура, како и за некои други влијателни стопански дејности (првенствено градежништвото и земјоделието) да применува селективен пристап и поддршка за нивно справување со актуелните проблеми во работењето во овие кризни времиња и на тој начин да помогне во надминувањето на клучните структурни проблеми во националната економија.

МАКПРОГРЕС – Пример за успешна извозна компанија

Макпрогрес доо Виница е успешна семејна компанија која постои 25 година и денес е една од поголемите прехрамбени индустрии во Република Македонија и најголем извозник на прехрамбени производи неколку години по ред. Производите на Макпрогрес се пласираат на пазарите на 50 држави низ светот. Во две фабрики и на осум производни линии годишно произведуваме преку 15.000 тони прехрамбени производи. Производите Винчинни и Винчинни Фајнест се кондиторски слатки производи кои се одликуваат во богат вкус, висок квалитет, пакувања кои по грамажа и изглед постојано ги следат потребите, желбите и барањата на потрошувачите ширум светот, производите на солени грицки под брендот Армониа кои совршено го надополнуваат нашето богато портфолио и секако производите Сончева Долина и Натура под кои имаме широка палета на зрнести и прашкасти производи потребни за секоја кујна како и производи кои се вметнуваат во сегментот на житарки за појадок и здрава храна.
Да се биде македонски извозник е голем предизвик и задоволство- нашата држава е поднебје каде што ги имаме сите ресурси за квалитетна и здрава храна, подрачје каде луѓето се големи гурмани и каде имаме чиста природа и многу сонце. За квалитетните производи кои се убаво спакувани и соодветно се претставени а се продаваат по конкурентна цена нема граници. Во 2015 година со нашите 500 вработени остваривме извоз од околу 17 милиони евра што е околу 75% од нашето производство. Најголем извозен парнер се земјите од ЕУ на кои отпаѓа 54% од извозот. Освен на традиционалните пазари од централна и југоисточна европа нашата компанија има дистрибутери и во дел од арапските земји и земјите членки на МАГРЕБ. Првичните контакти се воспоставија уште во 2002 година на саемот за прехрана СИАЛ во Париз каде што за прв пат се претставивме на еден поголем светски саем. Многу брзо го запознавме менталитетот и потребите на тамошните потрошувачи и трговци па ги прилагодивме и пакувањата на производите за да може полесно да се пробиваме.
Уште од самите почетоци секогаш работевме по поставената цел да производите на Макпрогрес ги рашириме регионално и интернационално да тие се најдат на полиците на големите супермаркети во развиените држави. Макпрогрес за својот извоз во најмогу држави го доби престижното и за нас многу вредно признание од Стопанската комора на Република Македонија за извозник кој има извезено во најголем број на земји.
Во нашите напори да произведуваме интернационални производи наменети за извоз клучно е и да ги одржуваме системите и стандардите за квалитет како што се ХАЦЦП, ИСО9001:2008, Кошер и Халал како и најважниот за извоз во ЕУ: ИФС и БРЦ стандардите.
Сметам дека Република Македонија во поглед на условите на водење бизнис, фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото, ниските даноци и социјални придонеси е одлично место за водење на било кој бизнис. Она што дополнително отвора врати за секој кој гледа кон повисоки цели се отворените пазари без царина на земјите со кои имаме склучено договори за слободна трговија и тоа сите земји од ЕУ, ЦЕФТА, ЕФТА.
Макпрогрес се стреми да обезбеди раст на производството и приходите преку развивање на сите постоечки пазари и отварање на нови пазари. За исполнување на таа цел Макпрогрес неуморно инвестира во нови производни капацитети и линии за производство. Само во 2015 година инвесициите надминуваа 4 милиони евра за со среднорочниот план 2016-2020 година планирани се дополнителни 10-15 милиони евра дополнителни инвестиции.
Ако би требало да одговорам на прашањето "Како да извезуваме повеќе?", мојот одговор на тоа прашање е комбинација од:
  • Прво и основно - да имаме конкурентна понуда: квалитет за прифатлива цена
  • Да примениме интернационален дизајн на производите
  • Да ги спроведување на сите потребни правилници и стандарди за безбедност на храната на странските пазари
  • Да имаме редовна присутност на пазарите
  • Да даваме маркетиншка подршка на дистрибутерите
  • Да учествуваме на најважните светски саеми за храна и кондиторија

ИГМ аквизиција на АЛПОС – Како Македонски компании го шират своето работење во странство

Економското забавување на земјите во развој пред се Кина како најголем производител и потрошувач на челик во светот има огромно влијание врз глобалните цени. Намалената потрошувачка во комбинација со прекумерната понуда во Кина води до заситеност на Кинескиот домашен пазар и се поголема ориентација кон извозот како излез од кризата. Поплавувањетo на Европскиот пазар со ефтин увозен челик во последните неколку години предизвикува изедначување на ценовните разлики помеѓу Југот и Северот кои се традиционални за Европската челична индустрија. Во минатото овие ценовни поделби дозволуваа да биде рентабилна продажбата на челични производи од Македонија во земјите од Западна и Северна Европа и покрај високите траспортни трошоци. Иако транспортните трошоци се во опаѓање нивното учество во финалната продажна цена се зголемува намалувајќи ја извозната конкурентност на финалниот производ. Во едно вакво сценарио стратегијата на ИГМ е да се приближи кон своите Ервопски клиенти овозможувајќи во целост да се искористи огромниот потенцијал на Европскиот пазар. Зголемувањето на пазарното учество во земјите од ЕУ е главен мотив за аквизицијата на производен погон во Словенија , држава членка на ЕУ од 2004 година.
Користењето на упростена SWOT анализа претставува краток и елегантен начин да се опише економската оправданост на инвестициите во странство, каде што: S – предности, W – слабости, O – можности, T – закани. На почетокот се фокусираме на позитивните страни:
ПРЕДНОСТИ: Насекаде металната индустрија учествува во стопанството со огромен број на директни и индиректни вработувања. Заради нејзината стратешка улога и опширно влијание, носителите на политики се наклонети да истапат во испомош секогаш кога ова гранка е под закана. Постојано сме сведоци на политички мотивирани протекционистички мерки и покрај нео-либералната определба на Европа и нејзиното учество во светската глобализација. Во сегментот на челични заварени цевки Македонија беше претходно предмет на antidumping истрага со можни катастрофални последици. Ваквите истраги продолжуваат да бидат реална закана која потполно се елиминира единствено доколку производството се дислоцира во земја членка на заедничкиот пазар на ЕУ. Надвор од економските препреки постои одреден степен на скептичност во ЕУ према земјите од Балканот. Искуството покажува дека многу компании сеуште гледаат со недоверба и го перцепираат како инфериорен квалитетот на Македонските производи во споредба со Словенските производи чии брендови се засноваат токму на традиција и квалитет.
МОЖНОСТИ: Главната можност ИГМ ја гледа во географската местоположба на Словенија – близината до Германија и до подеднакво атрактивните пазари од Централна и Источна Европа. Годишната потрошувачка на челични цевки и профили во Германија се проценува на околу 450 милиона EUR. За споредба извозот на челични цевки од Македонија во Германија е скромни 10,4 милиони USD или околу 2% од вкупната потрошувачка на Германија. Како компарација на трговските врски со Германија, во 2013 годишната вредност на извозот на метали од Словенија кон Германија е 877 милиона USD додека оваа цифра за Македонија е 10 пати пониска и изнесува 87,5 милиони USD. Покрај силните извозни канали уште една можност за поголем раст е достапноста на увозни канали си развиена инфраструктура и транспортна мрежа за увоз на репроматеријал. Словенија нуди поврзаност со неколку стратешки пристаништа: Копер (Словенија), Ријека (Хрватска), Монфалконе (Италија), Трст (Италија) што е сосема спротивно од ситуацијата на нашите простори каде што Солунското пристаниште ужива во огромна монополска моќ. Исто така многу битни се и долгата традиција на високо-квалитетно производство со висока додадена вредност, преносот на знаење и можноста за искачување на технолошкото скалило на еднакво рамниште со конкурентите од Италија.
СЛАБОСТИ: Словенија спаѓа во групата на развиени земји со GDP по глава на жител од 21.308 USD и просечна нето плата од 1.092 EUR месечно. За споредба просечната нето плата во Македонија изнесува 22.213 денари или 361 EUR месечно. Разликите во бруто платата се уште поголеми поради високиот степен на социјална заштита во Словенија што додатно ги зголемува трошоците за работна сила. Покрај скапата работна сила, идентификувани се следните слабости: бирократизирана и спора администрација, строга градежна регулатива, строга еколошка регулатива.
ЗАКАНИ: За да се нивелира ефектот на високите плати неопходно е поставување на организација чија примарна цел ке биде зголемување на продуктивноста на вработените. Исто така потребно е да се постигне висок степен на искористување на производните линии. Со други зборови, планот е преку ангажирање на високостручен кадар, континуирано инвестирање во човечки капитал и модернизација на производните линии да се постигне висока ефикасност во работењето. Доколку овие услови не се задоволени многу лесно може да дојде до преливање на трошоците како потенцијална закана во иднина. 
Табела 1: 

Структура на извоз во Македонија за 2013 (по сектор)
1.
Хемиски Производи
954 милиона УСД (20,2%) *од кои 828 милиона УСД отпаѓаат на Катализатори
2.
Метали
915 милиона УСД (19,4%)
3.
Текстил
833 милиона УСД (18%)
4.
Машинска индустрија
538 милиона УСД (11,4%)
5.
Прехранбени производи
466 милиона УСД (9,9%)
6.
Минерали
336 милиона УСД (7,1%)
7.
Овошје и Зеленчук
174 милиона УСД (3,7%)
8.
Обувки и капи
102 милона УСД (2,2%)
9.
Пластика и гуми
101 милиона УСД (2,1%)
10.
Транспорт
65,7 милиона УСД (1,4%)
11.
Камен и стакло
40,4 милиона УСД
12.
Производи од животинско потекло
30,9 милиона УСД
13.
Инструменти
23,2 милиона УСД
14.
Крзнена индустрија
22,5 милиона УСД
15.
Производи од хартија
19,7 милиона УСД
16.
Нус-продукти од животинско и растително потекло
10 милиона УСД
17.
Дрвена индустрија
7,43 милиона УСД
18.
Благородни метал
5,56 милиона УСД
19.
Уметност и антиквитети
1,95 милиона УСД
20.
Оружје
473.000 УСД
21.
Разно
74 милиона УСД
Вкупно извоз:
4,72 милјарди УСД (2013)

Табела 2. Рангирање на најважните Македонски извозни индустрии / производи

 

1 comment:

  1. Гледам овој пост е напишан пред точно една година. Се прашував дали сè помина добро. Позајмување од Discover. Дали сте имале финансиски проблеми? Дали некои позитивни заемодавачи ви нудат заем? Верувам дека Педро Џером и неговата компанија за заем со која работев за да го финансирате мојот бизнис, дали сте имале некакви финансиски проблеми обидувајќи се да добиете заем или да добиете флексибилна отплата на заемот? Тогаш Педро и неговата компанија за заем ќе ги ценат овие прашања за заеми или поединечни заеми или корпоративни заеми, затоа сакам да ви кажам однапред благодарам Педро Џером и неговата компанија за заем што ми дадоа заем со стапка од 2%. Контактирајте со Педро Џером и неговата компанија за заем на е-пошта: pedroloanss@gmail.com. WhatsApp +18632310632

    ReplyDelete